Солзи во очите, рана на срцето: Одземаа туѓ живот (можеби не со умисла), но го уништија и својот!
Фактор на денот, вест на денот или како сакате наречете го денешното судење за изгубениот млад живот, за изгубениот син, брат, роднина, пријател, спортист, иден татко, помина со пресуда од 52 години затвор на тројца млади личности кои се и официјално осудени за убиството на ракометарот Тот.
Познавајќи во многу наврати како поминаа одредени случаи, кај дел од народот имаше сомневање дека овој судски процес ќе заврши со драконски мерки.
Коментарите на фејсбук се поделени. Некои сметаат дека се драконски, но мнозинството граѓани сепак ја поздравија одлуката на судијката. Тие велат, ништо не е многу кога згаснал млад живот. И тоа е точно. Ниту една пресуда, ниту една одлука не може младиот ракометар Тот да го врати во живот, но сепак, таа одлука сигурно ќе им помогне барем на неговите родители, семејство и пријатели, да имаат барем тронка мир и спокој дека оние кои посегнале по животот на нивниот најмил, ја добиле заслужената казна.
Снимките од немилиот и трагичен настан, сите ги гледавме. Час порано или подоцна, испливаа на површина, а таму точно се гледаше како се одвивало се и како всушност Тот бил безмилосно оставен сам на себе. Рака на срце, веројатно во целиот тој хаос, осудените, со исклучок на еден од нив, се потрудиле да му помогнат, но сепак тоа било предоцна. Исто како што е факт дека во истиот тој хаос, тие со умисла најпрвин сакале да избегаат од лицето на правдата, па наместо како што вели судијката да споделат веднаш што се случило, тие после неуспешниот обид да му помогнат на Тот, свесни за ситуацијата, решиле да се дистанцираат и по можност да се „скријат“ од правдата.
Сепак, таквиот потег, без разлика дали бил со или без умисла, заврши неуспешно. Сите тројца не само што излегоа пред лицето на правдата, туку и добија казна затвор од вкупно 52 години.
Она што денес можеше да се види во судницата е дел каење, но дел и чудење кај осудените. Нормално, никој не ги обвинува дека тргнале со сатрап да убијат некого, со умисла како што тоа го прават многу сериски убијци, но зарем во еда ваква случка, во која како што вели судијката имало упорни удари, некој не бил свесен за последиците од истата. Тоа е исто како да кажете дека човек беспомошно лежи на земја, а вие како да е боксерска вреќа можете да го удирате во гради и глава на начин на кој што сте свесни дека може да заврши фатално.
Земајќи ги предвид фактите дека биле излезени во дискотека, веројатно дел од нив, а можеби и сите, всушност и не биле крајно свесни за тоа што го прават иако во еден таков момент, човек веројатно би се „отрезнил“ во дел од секундата.
Сепак, вистинскиот мотив за овој текст е сосема друг, а тоа е дека ова од ваквите немили настаи треба да се извлече една поука за сите во општеството, а посебно за младите, дека културата, комуникацијата треба да се практицира на сосема еден поинаков начин. Ако некој ви смета, не значи дека треба да биде претепан. Ако некој ве нападне, нормално дека ќе мора да се браните, но тоа не значи дека вие треба да го нападнете со таква сила и намера знаејќи дека тоа може да влијае штетно и на истиот човек. Во такви ситуации човек треба да избегне конфликт и да се повлече бидејќи таков конфликт со сигурност може да влијае штетно врз сите учесници во истата, каков што е и примерот во овој случај со ракометарот Тот.
Што значи тоа? Па зарем овие 4 животи не се уништени? Кој е победник во оваа ситуација? Алкохолот, омразата, непресметливоста, немањето трпение, шансата да се „нокаутира“ некој? Не секој удар поминува со оток, а некој како што е во случајов завршува за жал со смрт. Покрај тоа што е изгубен еден млад живот, изгубени се и три други животи во поглед на нивната сегашост и иднина која токму поради тоа што го сториле, ќе биде зад решетки и тоа во најубавите години од својот живот.
Затоа млади, памет во глава, читајте книги, учете нешто ново, почитувајте ги другите луѓе, имајте поголема култура во себе, не напаѓајте, не навредувајте, не навлегувајте во конфликт со други личности. Од такви работи едноставно победник нема. Прашањето е само кој и како ќе заврши!